За нас
Мисија
Нашата мисија е да обезбедиме безбедна, поттикнувачка и семејна грижа за децата без родители и без родителска грижа, преку современи форми на сместување, но и преку поддршка и јакнење на згрижувачките семејства. Посветени сме на унапредување на квалитетот на животот на децата и младите преку индивидуален пристап, професионална грижа и активно вклучување во општеството, како и на континуирана поддршка, едукација и развој на згрижувачите како столб на алтернативната грижа.
Визија
Да бидеме водечка установа во областа на социјалната заштита на деца без родителска грижа, препознатлива по хуманоста, професионализмот и ефективните модели на работа. Стремиме кон општество каде секое дете расте во безбедна, грижлива и стабилна средина – без разлика дали е во станбена единица или во згрижувачко семејство – а секое згрижувачко семејство има соодветна поддршка, едукација и стручна помош за да обезбеди топол дом и иднина исполнета со можности.
Цел
- Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ – Скопје е Установа со децениска традиција во згрижувањето и поддршката на деца без родители и без родителска грижа. Нашата мисија е да обезбедиме сигурна, стабилна и поттикнувачка средина во која секое дете ќе може да расте, да се развива и да ја изгради својата иднина.
- Во рамките на процесот на деинституционализација и модернизација на услугите, Домот работи по принципот на дисперзирано згрижување во станбени единици. Сместувањето се одвива во пет станбени единици, каде децата се организирани во мали групи, со цел создавање услови блиски до семејниот модел на живеење, кој овозможува поиндивидуализиран пристап и зголемена психосоцијална поддршка.
- Оддел за сместување и згрижување корисници, кој обезбедува директна грижа, воспитување и секојдневна поддршка за децата сместени во петте станбени единици;
- Центар за поддршка на згрижувачки семејства, кој нуди обука, советување и континуирана стручна поддршка на згрижувачките семејства, како и следење на нивната работа;
- Оддел за административни, помошно-технички работи и управување со човечки ресурси, кој се грижи за функционалноста на установата и поддршката на вработените.
- Нашиот тим е составен од стручни и посветени професионалци – социјални работници, психолози, педагози, медицински, административен и технички персонал – кои секојдневно се грижат за добросостојбата и развојот на децата.